Американската сојузна држава Аризона стана едно од светските жаришта на коронавирус. Болниците во државата сега се полни со пациенти, од кои некои се во критична состојба. Аризона вчера имаше над 66.000 потврдени случаи, во однос на нешто повеќе од 20.000 на 1 јуни. Секојдневно се пријавуваат повеќе илјади новозаразени, а досега починале 1535 луѓе.
Медицинските работници кои се најдоа на првите линии во борбата против ковид-19 опишуваат дека итните служби се преполни, а пациентите се ставаат на респиратори додека чекаат слободно место на интензивна нега. Пациентите на респиратори се ставаат во индуцирана кома додека машините дишат место нив. Тие се приклучени на повеќекратни инфузии. На одделот за интензивна нега можат да останат со недели или месеци.
На медицинските сетри кои работат таму најтешко им паѓа смртта на младите луѓе кои претходно биле здрави. Особено се изненадени од фактот дека никогаш претходно не виделе толку многу луѓе да умираат секој ден. Нивните сведоштва за починатите се вознемирувачки.
– Се грижиме за лекарите кои се заразија, се грижиме за мајките. Минатата недела симнавме од апарат за одржување во живот 48-годишна мајка и стоев покрај нејзиниот 17-годишен син се додека таа не почина“ вели Ангела Мази, сестра во медицинскиот центар Тусон.
Медицинските сестри имаат 12-часовна работна смена, носат заштитни одела, маски, ракавици и очила. Пациентите се отсечени од своите семејства, а неретко и од стварноста. Честопати се превртуваат на стомак за да им се олесни дишењето. Таа постапка им помага на пациентите, но е многу напорна задача за медицинските работници, понекогаш за тоа треба да се ангажираат шест до осум медицински сестри.