Новиот скандал со претепаното 2 годишно дете од страна на таткото насилник повторно ја потресе јавноста. Социјалните служби остануваат дезориентирани во најчувствителниот сегмет во државата- социјалната заштита и превенција велат извори од невладиниот сектор. Директорката на Центарот за социјална работа на град Скопје Наташа Станојевиќ во изјава за медиумите откри дека ова не било прв пат да се случува брутално насилство во домот на 47 годишен регистриран насилник. Сопругата и децата биле сместени во Шелтер центар во фебруари годинава, но сопругата донела одлука да се врати во домот на насилникот.
Се поставува прашањето дали Центарот за социјална работа водел постапка за следење на овој случај, за да се превенира од вакво ескалирање на ситуацијата во која настрада малолетно дете како резултат на физичко малтретирање од страна на еден од родителите.
Од изјавата на првиот човек на Центарот за социјална работа останува сосема нејасно дали стручните служби го вклучиле насилникот во програма за работа со насилници, за да не дојде до ваков фатален рецидив.
Исто така, на веб страната на министерството за труд и социјална политика активен е документ под наслов Годишна програма за работа на секторот за инспекциски надзор во областа на социјална заштита и заштита на децата за 2018 година потпишана од страна на министерката Царовска, но никаде во документот не може да се забележи дека постапувањето во случаи на семејно насилство и е висок приоритет на Царовска . Социјалната инспекција единствено реагира откако ќе бидат обелоденети скандалите, но исходот останува неоткриен пред јавноста.
Ова е втор случај во кој дете е брутално претепано од страна на родителот. Првиот случај беше откриен кога 14 месечно бебе заврши на Ургентен центар Скопје, а мајката заработи кривична пријава за злоупотреба и малтретирање на дете. Тогаш Центарот за социјална работа се правдаше дека во семејството не постоеле индиции дека мајката е можен сторител на насилство.