Министерството за здравство информира дека на Клиниката за урологија во тек се двете трансплантации на бубрег од починат донор. Двајца пациенти на возраст од 30 и 23 години кои подолго време се на дијализа ќе добијат бубрег од 44 годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт.

Утрово заврши транспланатацијата на срце кај пациент кој подолго време боледува од срцева слабост. Пациентот е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата.

Во соопштението до јавноста, министерството за здравство упати благодарност до сите тимови вклучени во експлантација и трансплантација кои 20 часа работеа на интервенциите во операционите сали. Трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат пореку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска.

Најголема благодарност министерството за здравство упати до семејството на 44 годишната жена која ноќва спаси најмалку три животи. Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблиското семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти.