Веб-платформата „Е-Здравство“ има за цел да биде место кое што ќе нуди информации од јавен карактер поврзани со здравството, опис и промоција на актуелни програми достапни за граѓаните, регистри од областа на здравството како и аналитички извештаи.

На вчерашната јавна презенатција говореа министерот за здравство Фатмир Меџити, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, претседателката на Националниот комитет за имунизација д-р Александра Грозданова која зборуваше за делот за имунизација и Елица Стојаноска, претставничка од „Мој Термин“.

Страницата содржи информации за бројот на издадени рецепти и упати. Достапна е на македонски и албански јазик и има можност за пребарување по клучен збор. На страницата се наоѓаат информации за рано откривање на малигни заболувања: скрининг на грло на матка и скрининг на дојка.

На платформата постои и дел за имунизација каде се наоѓаат сите релевантни информации поврзани во вакцините од календарот за имунизација, како и за вакцините поврзани со Ковид-19 и секако информации за останатите вакцини. Исто така има и информации за сите пунктови каде се врши вакцинација.

На категоријата листи и извештаи се наоѓаат листи на аптеки, здравствени установи и друго, а извештаите се однесуваат на бројот на болнички интервенции, хируршки операции, број на дијагностички прегледи по апарат и друго.