Министерството за надворешни работи соопшти дека во Јапонија на крузер закотвен во пристаништето Јокохама се наоѓаат македонски државјани. На бродот утврдено е присуство на заразени од коронавирусот и тоа станува збор за неколку десетици патници. Јапонските власти, пак, соопштија дека поради епидемијата на коронавирус, сите патници на бродот ќе бидат во карантин 14 дена, а заболените ќе бидат пренесени во околните болници.
Потврдено е присуство на тројца наши државјани на бродот кој е задржан близу Јокохама, Јапонија. Причина за задржување на бродот е присуството на заразени лица од коронавирусот. Досега се потврдени 20 лица кај кои е пронајден овој вирус.“ – соопштија од Министерството за надворешни работи. Од таму велат и дека македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Јапонија за подетални информации можат да се обратат во амбасадата во Токио.
Кинеските медиуми објавија дека и новороденче во Вухан е заразено со болеста, а присуството на коронавирусот било утврдено само 30 часа откако се родило. Лекарите се обидуваат да утврдат дали бебето го наследило заболувањето од мајката која исто така била позитивна на вирусот или пак се заразило по раѓањето. Досега само во Кина од заболувањето починаа 563 лица, а повеќе од 28 000 се заразени.
Во Виена, на еден од аеродромите, е регистриран патник кај кој се забележани симптоми на коронавирусот. Патникот слетал од авион кој долетал од Хелсинки и веднаш бил пренесен до најблиската болница.
Локалните власти во Вухан, градот во кој изби вирусот и покрај тоа што неодамна отворија две нови болници, предупредија дека се соочуваат со недостиг на болнички легла и опрема за третирање на растечкиот број на пациенти.