Петнаесетина лекари и двојно повеќе медицински персонал недостига во велешката болница, тврди директорот на оваа здравствена институција Димитар Стровјаноски. Поради таквата состојба, се помал е бројот на оперативни зафати кои се прават во болницата. Пензионирањето на лекарите и медицинскиот персонал, но и иселувањето од државата е главната причина за лошата кадровска состојба на болницата.
„Треба еден или двајца, тројца асистенти при операции. Предложив на министерството да не се упатуваат на специјализација колеги кои веќе имаат завршено специјализација кои сега работат во приватните болници.“ – вели Димитар Стровјаноски – директор на Општа болница Велес
Засега проблемот се ублажува со тоа што лекари од скопските клиники доаѓаат на испомош во Велес, но директорот аламира до надлежните министерства дека се потребни итни вработувања. Ништо подобра не е ниту состојбата со апаратурата. Компјутерскиот томограф кој го има велешката болница, подолго време е надвор од функција, па пациентите мораат да чекаат со месеци во скопските клиники или тоа да го прават приватно, за огромни пари.
„Не сме во кондиција да ја поправиме компјутерскиот томограф сами. Апелирам до министерството за здравоство да го направи истото како и ос Охридската болница, со диртектна спогодба и да се поправи томографот.“, вели Димитар Стровјаноски – директор на Општа болница Велес
Долгот кој новото раководство на болницата го затекна е намален за една четвртина, вели Стровјаноски. На денешното одбележување на Светскиот ден на здравството, од велешката болница се пензионираа уште шест вработени. За нив замена нема. Ако Владата итно не реагира, велешани ќе нема кој да ги лечи, велат лекарите.