Бројот на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19 се намалува, а во меѓувреме расте опфатот на вакцинација против Ковид-19 на возрасните граѓани. Инаку, акцентот е ставен на промоција на повик кон помладите да се вакцинираат, а поради вирусот, од вчера во изолација се ставени неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп, иако според надлежните, училиштата засега не се во ризик.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека бројот на новодијагностицирани се намалува, а мал е бројот на ученици кои се заболени. Според него, ситуацијата спласнува во овој момент.
– Овие трендови на намалување на бројките продолжуваат и на вкупниот број на новодијагностицирани. Вчера нивниот број изнесуваше околу 490, значи под 500 и се намалува и бројот на прегледи во болниците. Еден од најголемите индикатори ни се прегледите на Инфективната клиника и таму се просечно од 120, 130 кога беше големиот притисок, сега е некаде околу 90, рече Филипче.
Инаку, на самиот почеток на новата учебна година, веќе се во изолација неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп поради ученици кои се позитивни на Ковид-19. Поточно, едно одделение во прилепско основно училиште од денеска е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.
Во штипските основни и средни училишта исто така има по еден позитивен ученик на коронавирусот, а поради два позитивни ученика во велешката гимназија „Кочо Рацин“ во изолација се ставени учениците од две паралелки. Од изолација се изоставени учениците кои биле вакцинирани.
Сепак, училиштата засега не се во ризик, дециден е министерот. Тој напомена дека протоколите во училиштата се направени по ист принцип како и насекаде во светот, и мал е бројот на ученици кои се заболени. Според министерот, доколку се почитуваат протоколите, децата се безбедни.
– Во среда завршува препораката за онлајн настава во средните училишта во Струга и во Кичево, останува уште една недела за Тетово и за Гостивар. Ќе има состанок на Комисијата за заразни болести за да се евалуира дали евентуално треба продолжување, рече Филипче.