Несреќниот и токсичен брак за децата е поболен отколку разводот. Заедно сме поради децата не значи дека е подобро за децата. Гледано долгорочно, децата повеќе страдаат ако раснат со несреќни родители кои постојано се расправаат.
Неколку причини како раснењето во таква средина влијае на децата:
- Кога ќе пораснат, ќе го копираат токсичниот модел на нивните родители
Возрасните често го копираат однесувањето што го гледале дома, кога биле деца. Ако децата постојано гледаат и слушаат како родителите се расправаат тоа ќе им стане нормално и ќе го копираат во иднина. Ќе веруваат дека токсичниот брак е нормален и нема да можат да замислат поинаква, односно среќна врска.
- Ќе имаат чувство на несигурност и вина
Конфликтите во семејството на децата влијаат емоционално и социјално и предизвикуваат проблеми со довербата, ниска самодоверба или чувство на безвредност. Долгорочно, со текот на времето ќе им биде потешко да го надвладеат чувството на несигурност, вина и нервоза.
- Ќе станат почувствителни на стрес
За да научат децата како да се носат со стресот потребно им е безбедно место, а тоа обично е домот. Но, кога во домашното опкружување владеат караници и викање, тоа станува место на закани. Децата кои растат во такви домови се повеќе подложни на стрес, а обичните ситуации ги доживуваат како закана. Тоа кај децата може да предизвика кошмари, несоници и депресија.
- Ќе имаат лоши навики
Првата работа што ја прават несреќните деца е криење на емоциите. Како одговор на стресот се затвораат во себе, го лекуваат чувството на несреќа со храна или претерано играат видеоигри. Со другите деца можат да бидат агресивни.
- Тешко ќе ги изразуваат емоциите
Децата кои се сведоци на многу вербални агресии и конфликти со текот на времето ќе престанат да покажуваат емоции поради стравот да не направат нешто погрешно и така да предизвикаат лутина кај родителите. Ќе израснат во личности кои тешко им се отвораат на другите. Како возрасни ќе го копираат тоа што го гледале дома и можеби ќе ги повторуваат родителските грешки.
- Ќе им биде тешко да изградат здрав однос
Децата кои се несреќни подоцна во животот имаат тешкотии при зближувањето со другите луѓе. Освен што тоа може да влијае на нивниот љубовен живот, може да имаат проблеми со врсниците на факултет или со колегите на работа.