Гинеколошката клиника „Мајка Тереза“, во Чаир и оваа зима ќе се грее на мазут. И покрај тоа што овој котел стар 50 години е меѓу најголемите загадувачи на воздухот, ниту оваа сезона ќе нема негова замена со еколошки начин на греење. Од болницата веќе се снамбиле со мазут и за него од својот буџет издвоил 50.000 евра.
Министерството за здравство постојано ветува промена на системот за греење, со природен гас не само на Гинекологија Чаир, туку и на болниците во Куманово и во Струмица. Министерот Венко Филипче неодамна истакна дека проектите се подготвени, тие влегле во тендерскиот план за гасификација што ќе започне да се реализира како приоритет, во овие три јавни здравствени установи.
Инаку, во земјава има вкупно 17 болници кои се греат со мазут, чиј чад испушта огромни ПМ 10 честички во воздухот. Минатата зима, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, тогаш на клиниката и даде рок од 30 дена за изнаоѓање решение, или во спротивно тие ќе ставиле катанец. Сега од Град Скопје велат дека една мерка не е доволна, туку ветуваат долгорочна стратегија.
„За жал, проблемот со воздухот не е проблем што може да се реши со една и брза мерка . Стратегијата на нашата институција е да се фокусираме на долгорочни мерки, кои ќе имаат долгорочен ефект. Поради оваа причина, сега ги поставуваме основите за некои мерки, со ново зеленило, со регулирање на сообраќајот. Бевме сведоци на кратки мерки од претходната администрација, кои не го покажаа нивниот ефект“, рече Валон Салиху, Портпарол на Град Скопје.
Иако градот презема мерки, несовесни граѓани се обидуваат да ги попречат. Минатат вечер беа запалени неколку од новите големи пластични контејнери и тоа во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, во Радишани. МВР и инспекторите за животна средина трагаат по сторителите.
Во меѓувреме, цивилниот сектор отвори „он-лајн“ петиција, во која се се бара укинување на бесплатниот увоз на отпад, изменување и дополнување на законот за управување со отпад, укинување на дозволите за обработка и рециклирање отпад од железо, гуми, пластика и други супстанции штетни по здравјето на граѓаните и загадување на животната средина.