Бактеријата МРСА се шири помеѓу дечињата во клонот Кокиче од градинката Весели цветови. Загрижена мајка денеска алармираше дека, покрај претходните два случаи, за кои информираше „Слободен печат“, бројот се зголемил за уште едно дете.

Мајката обвинува дека Управата на градинката наместо да повика служба за дезинфекција, тие одлучиле сами да дезинфицираат, и тоа додека децата се присутни во просториите.

– Сите деца се ставени во една просторија, а во другите се чисти. Тоа не е начин да се искорени бактеријата. Мора да се почитуваат стандарди и правила, вели загрижената мајка, пренесува порталот.

Од градинката велат дека до нив не е пристигната информација нов случај на МРСА.

– Доколку добиеме информација за нов заболен од МРСА повторно ќе исконтактираме со Центарот за јавно здравје. Денес имаше вонредна дезинфекција на цел објект. Екипата дојде порано, пред да дојдат децата и потоа ги пуштивме децата во занималните, рече Валентина Божиновска, директорка на градинката.

За разлика од дезинфекцијата која е безопасна и може да се направи пред почетокот на работниот ден, дератизација се прави во петок попладне, за да може да има дејство и во текот на викендот. Редовна дератизација по протокол се прави два пати годишно, а ако има потреба се прави и вонредна дератизација, додаде Божиновска, и повика да не се прави паника од овој случај.