Истражувачите од Институтот за истражување на ракот (ИКР) во Лондон тврдат дека новиот тест на крвта може да предвиди дали ракот на дојката ќе се врати, пишува Би-би-си.

Тие наведуваат дека новиот ултрачувствителен тест на крвта предвидува дали ракот на дојката ќе се врати и тоа неколку години пред болеста да се покаже на снимките.

Поконкретно, се покажало дека тестот е 100 отсто точен во предвидувањето кај кои пациенти ќе се врати ракот.

Самото истражување во Велика Британија сè уште е во рана фаза, но експертите го нарекоа „неверојатно возбудливо“.

Ракот на дојка е најчест облик на болеста низ светот според добротворната организација „Рак на дојка ОК“, но постои надеж дека тестот ќе ја подобри стапката на преживување.

Тим истражувачи од Институтот за истражување на ракот (ИКР) во Лондон спроведе студија на 78 пациенти со различни типови ран рак на дојка.

Тестот на крвта открил рак 15 месеци пред да се појават симптомите или болеста да се покаже во текот на скенирањето, покажуваат резултатите презентирани на конференцијата на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго во неделата.

Најрано откриениот рак бил 41 месец пред скенирањето да ја потврди дијагнозата.