Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничката болница во Битола е комплетно обновен и реконструиран, и со тоа ќе се олесни неговото секојдневно функционирање, информираше на денешната прес-конференција раководството на болницата.
-Изминатите месеци интензивно работевме нашиот Оддел за гинекологија и акушерство кој дава услуги на пациентки кои не се само од Битола, туку и од околните градови: Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево да го врати сјајот. Целиот оддел за гинекологија и акушерство е комплетно реконструиран и ревитализиран- изјави директорката на Клиничката болница Битола д-р Елизабета Ивановска.
Таа додаде дека се обезбедени најсовремени апарати и медицинска опрема што ќе ја користат докторите како и самите пациентки.
– Се потрудивме да создадеме подобри услови за родилките и нивните бебиња. При реконструкцијата на одделот беше извршена комплетна инфраструктурна реконструкција на водоводната мрежа и електричната инсталација, која не била променета повеќе од десет години. Се изврши замена на поголемиот дел од опрема што се користеше со апарати кои го олеснуваат секојдневното функционирање на одделот, вработените и пациентите. При реконструкцијата се направи еден холистички пристап и комплетно реновирање кое вклучува: родилни столови, гинеколошки столови, светла за преглед, повеќе нови инкубатори ЦТГ апарати, монитори, 2 вакуум аспиратори итн. Инсталирана е топлотна пумпа од марка ЛГ, а комплетно се реновирани две купатила со три санитарни јазли, и тоа преку донатори од Шведска кои во повеќе наврати донирале во Битолската болница- рече Ивановска.
Со комплетната реконструкција опфатени се сите болнички соби, работна соба на медицинските сестри, истите се опремени со нов инвентар а новина на гинеколошкото одделение во Битолската болница е GPS локатор нараквица која ќе ја олесни комуникацијата во итен случај меѓу пациентка и медицинската сестра.
-Оваа реконструкција и ревитализација на одделот гинекологија, не застанува тука, планирана е и реконструкција на приемно-ургентна амбуланта и сала за интервенции-додаде на денешната прес-конференција, директорката д-р Елизабета Ивановска која им се заблагодари на повеќемина донатори од Битола коишто придонеле во обновата на Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничката болница во Битола.