Во екот на сезоната кога има по дури 30 интервенции дневно, охридската итна помош работи со само двајца лекари и три медицински сестри.
Не е доволен ниту бројот на возила. Се стигнува секаде, но е многу напорно, вели доктор Ана Неделкоска. Сепак дефицитот на лекари е најголем проблем.
„Функционални имаме пет возила, од нив три за надвор од градов, а две служат само локално. Многу е напорно, се трудиме, едвај стигнуваме да постигнеме се, правиме напори. Имаме дефицит на лекари, сестри “ – изјави д-р. Ана Неделкоска, началник на Итна медицинска помош – Охрид
Иако во тешки услови, Неделкоска вели никогаш не се случило да не се прими повик или да не се стигне навреме. Кога се доцнело минута, две, кај некој пациент, или тимот бил на терен или пак вршеле амбулантски прегледи со приоритет.
Периодов најчесто имаат интервенции поради сообраќајни незгоди, колапси, топлотни удари, а оваа година за среќа помалку давеници.
„Проблем ни е, стари возила, се случува да се расипат, се трудиме да ги одржуваме. Многу имаме зголемен обем на работа, имаме од 20 до 30 повици и плус амбулантски случаи“ – рече Неделкоска.
Медицинскиот тим се надева дека есенва ќе добие уште едно возило, но и дека конечно ќе се вработат лекари кои се многу потребни, за да можат да работат во услови, со повеќе медицински тимови и опрема, онака како што му доликува на Охрид како најголем туристички центар во земјава.