Околу 500 реагенси за испитување на корона вирус се на пат за Македонија и за 4 до 5 дена треба да пристигнат во државата. Ова денеска за НОВА го потврдија во Институтот за јавно здравје. Реагенсите биле порачани уште минатата недела пред Комисијата за заразни болести да донесе одлука за нивна ургентна набавка.

„Пред една недела донесовме одлука за набавка на 500 реагенси од странство. Најдоцна за пет дена треба да пристигнат во државата“, изјави за НОВА, Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.

Засега превентивните мерки се на ниво на термална камера која е поставена на скопскиот аеродром и сите патници кои доаѓаат од Дубаи или Турција се пренасочуваат таму.

Надлежните велат дека досега нема појава на било каков сомнителен случај, но е утврден патот по кој ќе се постапува доколку до такво нешто дојде. Од Комисијата за заразни болести велат дека во нашата држава, на аеродром патниците имаат трет скрининг, откако претходно поминале низ термо камери во двата аеродроми во Дубаи и Турција.

Од таму велат дека има доволно заштитна опрема со која дежурните екипи ќе постапуваат или треба да транспортираат евентуално сомнителен случај.

„Има доволно заштитни одела, дури има и скафандери со боци со кислород, кои сепак во оваа фаза не се потребни. Со такви одела располагаат АХВ, ИЗЈ и Инфективна Клиника“, велат во Комисијата за заразни болести.

Инфектолозите велат дека би се применувале стандардни протоколи и насоки кои се дадени од СЗО. Но, на туристи кои доаѓаат од Кина или од други региони без клинички манифестации, не може да им се пристапи.

„Се пристапува само во случај доколку има клиничка слика со зголемена температура, кашла и има отежнато дишење и второ, да бил во контакт со сомнителен или заболен од корона вирус или пак, да доаѓа од регион каде што има заболени. Во однос на контактот со медицинските тимови се преземаат сите мерки за стандардна превенција, а тоа значи заштита од допир, воздух(капковно пренесување) и заштита на очи“, изјави за НОВА, др. Миле Босилковски, инфектолог и претседател на Комисијата за заразни болести.

Тој вели дека се уште има непознати факти за вирусот кој се шири со голема брзина во Кина, а од таму и се прошири во повеќе земји во светот.

„Не се знае колкава е контагиозноста. Тоа значи, ако се искашла некој заболен со корона вирус, не се знае колку луѓе(колкав процент) ќе зарази во негова близина“ , вели Босилковски.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека системот е веќе воспоставен.

„Во текот на вчерашниот ден направен е распоред на епидемиолози од Центарот за јавно здравје, и тие ќе бидат присутни за време на скенирањето. Вчера, имавме работен состанок со директорот на ТАВ, излегоа во пресрет тие авиони секогаш да бидат насочени на еден или два излези, кои се многу блиску, од практичен аспект камерата да биде поставена на едно место, доколку треба да се користи собата за изолација“, изјави министерот Филипче.

Доколку се констатира дека некој од патниците има покачена телесна температура првиот чекор е интервју со епидемиолозите дали доаѓал од Кина и дали имал контакт со некои заразени.

„Доколку има таков случај има алгоритам, како се постапува и доколку има таков случај има протокол за изолација, дезинфекција и на авионот и на просториите и соодветен пат којшто е веќе предвиден со тој алгоритам, со посебно возило на Брза помош само за таа цел на Инфективната клиника “, рече министерот Филипче.

Надлежните препорачуваат, секој кој што има слични симптоми да се пријави кај матичен лекар бидејќи е сезона на грип и на вируси, но доколку доаѓа од ризичните подрачја, од Кина да се обрати на посебен телефонски број кој ќе биде објавен наредните денови, а го има и на посебните флаери на аеродром.