Медицинската сестра Дијана Димоска е првата жртва на Ковид-19 меѓу вработените во здравствените инситуции во Охрид. Со вклучени сирени и ротациски светла на амбулантните возила за итна медицинска помош на Здравствениот дом од Охрид и од Општата болница денеска вработените во здравствените установи од градот и оддадоа последна почит на првата жртва на короновирусот од нивните редови.
Педесетгодишната Димоска беше работно ангажирана во Интерното одделение на болницата во Охрид. Таа им подлегна на компликациите предизвикани од коронавирусот и пред два дена беше погребана на Градските гробишта во Охрид.
На фејсбук профилот на Општата болница од Охрид покрај изразувањето почит кон колешката повторно потсетија на потребата од поголема свест и одговорно однесување како најефикасен начин за спречување на ширењето на вирусот и најдобар начин за справување со епидемијата.
Оттаму се апелира на одржување хигиена, избегнување групни собири, држење реастојание, како и здрави животни навики и повеќе физичка активност.
-Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат во објавата од ЈЗУ Општа болница Охрид.