Европските канцеларии на Светската здравствена организација (СЗО), во својот вчерашен извештај посочија дека пандемијата на коронавирусот веројатно долгорочно ќе влијае на менталното здравје ширум светот.
– Психолошките лузни што ги остави пандемијата произлегуваат и од инфекцијата и од стравот од инфекција, но и од психолошките последици од заклучувањето и самоизолацијата, за што многумина се одлучија во обид да го запрат ширењето на болеста, се вели во извештајот СЗО. Падот на општото ментално здравје може да се должи и на грижата за невработеноста, финансиите и социјалната изолација, предупредуваат од СЗО во извештајот.
– Луѓето во европскиот регион буквално се распаѓаат под притисоците на Ковид-19 и неговите последици“, посочи регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге. Тој истакна дека последиците од болеста во голема мера ќе влијаат на менталното здравје и благосостојба на луѓето. Во исто време, како што рече Клуге, „пандемијата им дава шанса на земјите да размислат како да обезбедат грижа за менталното здравје и да ги направат потребните реформи“.