Во Градската општа болница „8 Септември“ денеска интервенираа екипи на МВР откако член на семејство на пациент од коронавирус го свртел мобилниот телефон кон лекар за да го снима. Лекарот побарал заштита и обезбедувањето на болницата повикало полициска асистенција. Информацијата ни ја потврди МВР, а фоторепортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК го сними настанот кога две полициски возила дојдоа пред Ургентниот центар на болницата и ги проверуваа телефоните на пријавените лица.
„Службени лица од МВР денеска интервенираа во ГОБ ‘8 Септември’ откако беше пријавено дека лекар на работното место видел како го снимаат со мобилен телефон цивилни лица, роднини на пациент од болницата. При извршените проверки во телефоните, фотографија од лекарот не беше најдена“, ни изјавија од МВР.
Сликање и снимање на медицински лица додека се на работа, внатре во здравствената установа или во нејзиниот двор, не се дозволени и се смета за закана по нивниот живот и здравје.
Здравствените работници во болницата „8 Септември“ која од почетокот на коронакризата со одлука на Министерството за здравство е прогласена за КОВИД центар за цела држава, по кажувањата на вработените постојано се изложени на афектни однесувања и испади од членови на семејства на пациенти кои се лекуваат или кои починуваат таму од компликации предизвикани од коронавирусот.
Според очевидци на денешниот настан, роднини на починат влегле во жестока расправија со вработени во ургентниот центар на болницата оти не им давале да го изнесат телото на починатиот за да го погребат без посебните безбедносни протоколи кои се пропишани за да се спречи ширењето на коронавирусот. Бидејќи обезбедувањето на болницата не можело да ја смири ситуацијата, била повикана и полиција.
Денеска имало инцидент и во одделот за интензивна нега, на спратот каде што лежат најтешко болните кои се на респираторни машини. Ќерка на починат пациент успеала да се пробие до тоа одделение, била многу агресивна и се заканувала на медицинските работници, па тие повикале обезбедување, а обезбедувањето полиција. И таа снимала со телефон, кој полиција ѝ го одзела.
Шефот на Ургентниот центар во болницата д-р Влатко Алексовски вели дека инцидентите со роднини на пациентите за време на коронакризата се секојдневие. Ситуацијата е особено напната, вели тој, последниве две недели, па полиција таму се повикува зачестено.
„Семејствата на заразените или на лицата кои починале од коронавирус кај нас се незадоволни зашто ситуацијата на нивните блиски многу брзо се влошува. Сите пациенти што ги хоспитализираме, не се со средна, туку се со многу тешка клиничка слика. Башка, не се воопшто дијагностицирани, такви ги носат. Вчера имавме 20 приеми со многу тешка клиничка слика. Се случува до вечерта некои од нив да починат. И тука настанува незадоволството од роднините. Не им е сфатливо зошто брзо починале. Па потоа, сакаат веднаш да си ги земат починатите. За некои од нив имаме резултати дека се позитивни, за некои треба да се почека еден ден. Сите си ги бараат починатите да им ги дадеме веднаш, а тоа не е возможно, не е дозволено според протоколите за заштита од КОВИД-19“, вели д-р Алексовски.
Тој вели дека на Ургентниот центар дневно има и по два- три инциденти. Влегуваат не по еден-двајца, туку по 10-ина роднини, некои се ужалени и расплакани, но многумина се агресивни. „Викаат по лекарите, по персоналот, вадат телефони, снимаат, се закануваат. ..Влегуваат групирани, не ги почитуваат мерките, често не носат заштитни маски“, вели тој.
„Апелираме на смиреност кај граѓаните и да кажуваат точни и прецизни податоци за симптомите на пациентот што го донеле, за неговите контакти, за нивните контакти со него, за евентуалните заболувања што ги имал претходно. Давањето точни информации ни е многу важна и есенцијална работа, зашто овде доаѓаат најтешките случаи од целата држава“, вели д-р Алексовски од Ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“.
До денеска претпладне во ГОБ „8 Септември“ биле примени 22 нови заболени или суспектни на КОВИД-19. На различни одделенија низ болницата вкупно се хоспитализирани 57 пациенти. Од нив, на респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти.
Петнаесет медицински лица од Градската општа болница „8 Септември“ се заразени од КОВИД-19. Станува збор за двајца доктори, 8 медицински сестри, 2 болничари и едно лице од технички персонал. Поради контакт со нив, во изолација се уште 10 лица, па во моментов 25 здравствени работници не се на работа.
Пред неколку дена директорот на болницата Христијан Костов информираше дека дел од медицинските работници кои три месеци работат со болните од КОВИД-19 се истоштени и побара помош во кадар од други клиники. Откако е прогласена вонредната состојба, болницата и практично целосно функционира како инфективна клиника, иако таму се вработени само двајца инфектолози, а сите десетина матични анестезиолози се ангажирани на Одделот за интензивна нега за КОВИД-19. Поради нивната презафатеност и премор, редовните хируршки интервенции се стопирани.
Во оваа болница медицинските лица досега успеаја од респираторна машина да вратат во живот двајца пациенти, еден на 35 години и еден на 47.