Синоќешните поројни дождови предизвикаа да пробие вода во дел од оперативниот блок во ГОБ „8 Септември“, но пациентите се префрлени во две новоотворени сали а на санацијата на кровот се работи, изјави за „Слободен печат“ директорот доктор Христијан Костов.
Како резултат на поројниот дожд и голем прилив на вода на кровната површина која се наоѓа над оперативниот блок, дел од таа вода не успеала да се издренира низ дренажниот систем од кровот. На едно место има пробивање на водата во оперативниот блок меѓу првата и втората оперативна сала и нормално е дека кога има протекување на вода, тие две оперативни сали не се во функција поради стерилност.
Пациентите што треба да бидат оперирани во тие две сали утринава во програмот, беа префрлени во другите две операциони сали на приземје. Тие две сали на приземје се ставени во функција и веќе се оперира во нив така што имаше мало задоцнување на оперативниот програм, но пациентите се згрижени, а проблемот е решен, вели доктор Костов.
Тој додава дека во тек е санација на кровната конструкција каде што протекла водата и мајсторите работат на терен.
-Во функција се 6 операциони сали за да бидат згрижени сите хируршки пациенти. Заради неработењето на оперативниот блок на Клинички центар овде на дежурство се оперираат по 8 итни пациенти. Фреквенцијата е зголемена двојно.
Персоналот во моментот трпи преголем притисок. Недостасува средномедицински персонал. Сега е време на одмори но некако успеваме да се справиме и да се организираме во болницата, (началниците со главните сестри) за да можеме да функционираме и да нема одложување на операции и да се згрижат сите хируршки пациенти што доаѓаат во Ургентен, а нивниот број е зголемен двојно. Абдоминалните хируршки интервенции се зголемени двојно, како и операциите за скршеници и уролошки пациенти, додава директорот Костов.