Од Центарот за јавно здравје во Тетово предупредуваат дека во октомври и во ноември можно е водата за пиење да има промена на мирисот и вкусот, како изминатите две години.

– Промената на мирисот и вкусот може да се повтори поради паѓање на вегетацијата, односно лисјата во водата што се користи од реките Пена и Лешница во новиот водоснабдителен систем. Апелирам да не се крева премногу страв и да не се обрнува премногу внимание затоа што ние внимаваме на квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Лани и предминатата година имаше многу јавувања за промена на мирисот и на вкусот и за среќа нашите испитувања покажаа дека сите останатите параметри се во рамки на дозволените граници и дека водата одговара на параметрите дека е безбедна за пиење, изјави специјалистот по здравствена екологија д-р Ратко Давидовски.

Ваква појава се случи во септември 2017 година кога почна да функционира новиот водоснабдителен систем со искористување на водата од реките на Шар Планина.

– Во овој период од годината поради намалување на штедроста на изворите на Шар Планина е вклучена и Пена и Лешничка река како и филтер станицата каде се кондиционираат овие параметри кои што треба да бидат во рамките на нормалните вредности, рече Давидовски.

Доколку водата со променетиот мирис и вкус не е прифатлива за луѓето за пиење, Давидовски вели да не се користи.

Од Центарот напоменуваат дека секојдневно се следи квалитетот на водата и по потреба службите реагираат. Новиот водоснабдителен систем од 2017 година донесе дополнителни количини вода, како трајно решение за деценискиот проблем со недостиг на водата за пиење во градот.