Прилеп е еден од поголемите градови во земјава, кој нема станица за мерење на аерозагадувањето, а најверојатно за догледно време нема ни да има, бидејќи општината немала пари за таа намена. Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски во својот отчет за сработеното во првава година од неговиот мандат, го прескокна ова свое предизборно ветување, но потсетен од новинарите, кажа дека набавката на Мерната станица ќе морала да почека некои други, подобри времиња.
На стартот од грејната сезона пак, во која се’ повеќе граѓани се греат на дрва, а притоа секојдневно рапидно се зголемува и бројот на автомобилите, па за очекување е дека и загадувањето ќе биде поголемо, прилепчани не се воопшто задоволни дека и оваа зима ќе немаат релевантни показатели за степенот на аерозагаденоста во која живеат.
Со цел намалување на аерозагаденоста во Прилеп, според градоначалникот Јованоски, пристапено било кон реализација на уште едно негово предизборно ветување, односно, за потребите на јавниот градски превоз ќе биле набавени 4 автобуси на метан. За нив тендерот бил завршен, а автобусите во функција требало да бидат ставени дури во текот на следната година.