И покрај оптимизмот во Владата, продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции и во петтиот месец годинава. Бројките од реализацијата на Буџетот покажуваат дека за пет месеци потрошени се само 54 од предвидените скоро 400 милиони евра за капитални инвестиции. Тоа е само 13,8 проценти од проектираното, што е најмала реализација на капитални инвестиции во последните десет години.

Само во мај реализирани се капитални проекти од едвај 11 милиони евра. Иако и дел од економските министри најавија градежна офанзива, бројките го покажуваат спротивното. Проектите слабо се реализираат. Од Министерството за финансии вината за слабата реализација на капитални проекти ја префрлаат кај претходната Влада од којашто тврдат дека наследиле проекти со голем број проблеми.

  • Во текот на годината се очекува подобра реализација на капиталните трошоци, како што беше случај и минатата година, кога најдобро остварување имаше последните месеци од годината што придонесе за рекордна реализација на капиталните трошоци, се правдаат од Министерството за финансии.

Од Министерството сепак, не одговорија дали планираат да прават пренамена на средствата за капитални инвестиции доколку продолжи лошиот тренд, ниту пак колку ќе потфрлиме до крајот на годината. И дел од министрите очекуваат забрзување на динамиката од септември.

  • Очекувам во овој период во овие неколку месеци да се зголеми процентот на капиталните трошоци од страна на Министерството и на Платежната агенција затоа што во изминатите неколку месеци беше направено сето она што не било направено во претходниот период, а биле склучени договори, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

И покрај катастрофалните податоци од почетокот на годината, вицепремиерот Кочо Анѓушев и понатаму е оптимист дека до крајот на годинава ќе се реализираат околу 80% од планираните 400 милиони евра за капитални инвестиции.