Професор Доктор Весна Јаневска која воедно е и претседател на Комисијата за Образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, денес на својот фејсбук профил посочи дека властите треба да ја преиспитаат својата одлука за започнување на наставата на учениците од 1-ви февруари.
– Со оглед на одлуката дека учениците од 1 Февруари ќе тргнат на училиште со физичко присуство, бараме Владата, Комисијата за заразни болести, а и Министерот за образование и наука да ја преиспитаат одлуката, пишува Проф. д-р Весна Јаневска. Во продолжение ја пренесуваме нејзината објава во целост:
– Бројките на заразени со Ковид-19 вирусот се високи, а високи се и потребите од болничко лекување. Медиумите соопштија дека ќе треба повторно отворање на Ковид центрите (според изјавите на стручњаците), а се објави и дека детските оддели се преполни и Систина планира отворање на детски Ковид центар.
– Предлагаме: 2 недели онлајн настава на учениците од 4-9-то одделение со активно следење на епидемиолошката ситуација и настава со физичко присуство на учениците од 1-3-то одделение со следење на епидемиолошката состојба во Македонија и училиштата. За најмладите ученици предлагаме физичко присуство, за да се избегнат дополнителни мерки, кои се неопходни за чување на децата (ослободување на родител од работни обврски), а кои влијаат на економијата на државата, посочува Јаневска во својата објава.