Тој се наоѓа на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ во Загреб.
„Јавноста ќе биде веднаш известена за сите важни вести“, рече Пленковиќ.
Министерот за здравство Вили Берош изјави дека коронавирусот е потврден кај маж што бил во Милано.
„Влегуваме во фаза што е на нешто поголема подготвеност од досега. Тоа е болест слична на грипот. Не се очекува поголем морбидитет или поголеми компликации. Здравствениот систем е подготвен и правиме сè за безбедноста на нашата нација“, рече Берош.
„Во 11 часот и 50 минути добивме потврда дека е откриен првиот случај на зараза со коронавирус во Хрватска. Станува збор за човек што бил во Милано. Сега ќе се фокусираме на контактите што ги имал пациентот“, рече министерот. Заразениот човек не е еден од деветтемина што вчера биле примени во болница во Риека, за кои исто така постои сомнеж дека се заразени.
„Во Хрватска ги преземаме сите неопходни мерки. Или јас или некој од државните секретари треба да оди во Рим за да видиме што прават тие. Одговорно тврдам дека ние уште од сега имаме преземено сè што се прави во Европа и во светот. Мислам дека навистина сме подготвени, но вирусите се непредвидливи живи клетки, поради кои не можеме да ги имаме одговорите на сите прашања“, рече министерот.
„Нема потреба да се крева паника, оваа болест е како обичниот грип“, додаде Берош.