Словенечкиот клинички психолог Александер Задел истакнува два екстрема во родителството: родители со очекувања кои многу бараат и претерано заштитнички настроени родители кои долгорочно претставуваат најголема опасност за децата бидејќи не им дозволуваат да научат да го живеат животот и да се носат со тешки ситуации.
Задел, кој е и директор на Институтот за личен развој „Корпус анима ратио“, рекол дека во врска со образованието драматично поголеми паничари се родителите, додека децата се издржливи и главно го прифаќаат училиштето како факт, пренесува мариборскиот весник „Вечер“. Според неговите зборови, родителите што ги сфаќаат децата и нивното образование како личен проект веројатно ќе бидат анксиозни бидејќи ги очекуваат разговори за домашни задачи, учење, одговорности, резултати.
-Денес луѓето се многу повештачки поврзани од кога било. Под тоа мислам на поврзаноста на социјалните мрежи, а не на личната поврзаност. Таму се формираат некои општи ставови, уверувања и очекувања за тоа како училиштето, наставниците и децата би требало да изгледаат. На овој начин се губи односот кон индивидуалноста на самото дете, како и кон наставниците и училиштето, рекол тој.
Како што истакнал, денес малку се води сметка за потенцијалот на детето бидејќи владее мислењето дека сите сме способни да постигнеме што било ако тоа доволно го сакаме и ако дадеме сè од себе.
„Тоа се огромни глупости“, рекол тој и додал дека притисоците врз детето во смисла на тоа дека на неговиот живот ќе има влијание тоа што нема да има најдобра оценка или ако не е најдобро воопшто, порано или подоцна ќе се манифестираат на детето.
„Затоа се под голем стрес, а не затоа што училиштето премногу бара од нив“, рекол Задел.