Четириесет и шест отсто од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје земаат антибиотици и без претходно консултирање со лекар, а 38 отсто од нив сметаат дека антибиотиците помагаат при лекување на сезонски грип, покажуваат резултатите од последното анкетно истражување што во изминатите два месеци го спроведе Здружението на студенти по медицина (ЗСМ).

Од Здружението соопштија дека по повод одбележувањето на Светската недела за рационална употреба на антибиотици (од 18 до 24 ноември) спровеле анкетно истражување во изминатите два месеци со цел добивање на информации околу степенот на познавањата на студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за правилната употреба на антибиотиците и појавата на антибиотската резистенција. Со анкетата биле опфатени 1.024 испитаници.