Сметам дека сум невина и не сум го сторила делото и се срамам што сум дел од обвинение за кое се покажа дека е клевета, затоа што не постојат никакви доакзи за делото за кое се товарам, изјави Катица Јанева, во завршен збор за случајот „Рекет“.
Таа рече дека нема ни „0″ од обвинение против неа, нема ниту еден доказ и го нема и Специјалното јавно обвинителство.
– Мене не ми требаат црвени телефони. Мене ми е чист образот. Некој да сакаше да го урне СЈО јас не му требав. Јас сум во притвор за пари што не се докажаа за Камчев да се спаси, рече Јанева.
Таа нагласи дека е само грубо изманипулирана од една личност.
– Доколку ги знаете соприжниците Камчеви нема никогаш да дозволите да ви се доближат ниту до судската зграда. Орце Камчев се покажа дека е „валкан“ играч и дека мисли дека може се да купи со пари, се излажа. Мене не можеше да ме купи.
Искористи едно искрено пријателство со Бојан за да ме стави на столб на срамот, изјави Јанева.
Во овие четири години, рече Јанева, покажав како еден обвинител да биде одважен и сигурен во себе.
– Кога станав шеф на СЈО, многу обвинители сакаа да дојдат. Ама јас реков дека за борба против криминалот ни требаат чесни луѓе. Затоа ги исфрлив некои и останувам на тој став, рече Јанева.
Нагласи дека никогаш самата не би ги одбрала тие обвинители што после четири часот не можат без салатка и ракија.
– Пијаници и неисполнети личности не ми требаат, изјави Јанева.
Таа рече дека и е срам што е дел од ова судење поради неспособноста и немањето докази.
– Да подигнеш обвинение без извршени вештачења и да биде прифатено од тројца судии. Секоја чест. Јас се срамам што сум дел од ова. А каде се парите, рече Јанева.
Ова голо обвинение без докази ми е жал што овие два дена го распарталивме како баница, јавната обвинителка Вилма Русковска не е тука да го чуе и да се црвени.
– Не само што јавната обвинителка не докажа ништо во овој предмет, туку напротов само произлезе дека била свесна уште од старт дека води предмет за кој нема докази. Се покажа дека наместо да биде објективен критичар всушност дава едно малициозно критизерство не само кон мене, туку и кон целото СЈО, рече Јанева.
Да работеше јавната обвинителка, рече таа, како што треба ќе утврдеше дека нема докази за ова дело и неможе да покрене обвинение.
– Но, брзаше да покрене обвинение за три месеци, водена по тоа јас да не излезам од притвор. Тоа беше осуетено, па дури и се закануваше на судии со „тресење од гаќи”, изјави Јанева.
Пресудата за „Рекет“ е закажана за 18 јуни 2020 година во 10 часот.