Шест месеци градежните работи на новото крило во специјалната болница Св. Еразмо во Охрид се запрени. Иако објектот е готов над 80% тој не може да се заврши бидејќи се уште не е донесена одлука од страна на Министерството за здравство за неговата намена, односно дали тука ќе се пресели дел од Заводот за кардиологија во Охрид, како што беше најавено при почетокот на изградбата на новиот објект во 2015 година. Во меѓувреме тече рокот за искористување на кредитот од 3 милиони евра од Европската банка кој истекува во јуни, што може дополнително да ја искомпликува ситуацијата.
Од Министерството за здравство информираат дека градежните работи на новиот болнички блок се времено прекинати поради неколку констатирани недостатоци поврзани со проектните документaции, кои се појавиле во текот на самата градба. Исто така, болницата Св. Еразмо како корисник, согласно договорот за изведба имала обврски кои требало да ги изведе, меѓутоа за истите се соочила со недостаток на средства за реализација.
„Дополнително, корисникот требало да ги ослободи операционите сали, но и тоа во одредениот момент не биле во можност да го реализираат поради објективни причини, па дошло до застој во градежните работи кои се времено прекинати. Во согласност со позитивните законски прописи, Министерството за здравство работи на надминување на оваа ситуација и се преземаат сите мерки за соодветно искористување на одобрените средства“, велат од министерството.
Во однос на набавката на нова опрема за оваа установа, Министерството за здравство информира дека дел е веќе набавена, додека останатиот дел ќе биде обезбеден согласно предвидената динамика за реализација на овој проект.
Зошто реконструкцијата на специјалната болница Св. Ерзамо започнала без да бидат обезбедени неопходните средства за нејзино завршување и опремување, и без јасно дефинирана намена, и дали некој ќе одговара за тоа, засега нема одговор. Граѓаните, пак, се прашуват дали и специјалната болница Св. Еразмо ќе ја доживее судбината на општата болница во Охрид каде градежните работи за реконструкција, поради сериозни пропусти доцнеа неколку години, што се одрази на квалитетот на услугите и здравјето на охриѓани и пациентите од околните места.