Скопјани веќе неколку дена нон-стоп се јавуваат во Центарот за јавно здравје и се интересираат дали и кога ќе почне вакцинација против сезонски грип. Иако е веќе почеток на ноември, имунизацијата против грип не почнува се уште, бидејќи, според надлежните, доцни набавката на вакцините. Граѓаните сакаат што поскоро да се заштитат од ова заразно заболување, за кое се неопходни 2 до 3 недели за да се стекне имунитет.

– Не креваме глава деновиве, граѓаните се јавуваат и телефонски, но и со смс пораки, а доаѓаат и лично во Центарот, за да дознаат кога ќе почнеме да ги даваме вакцините против грип. Но вакцини немаме се уште добиено, иако од наша страна направивме се што беше неопходно за набавката – велат од скопскиот Центар за јавно здравје.

Во врска со дилемата дали ќе биде предоцна заштитата против грип да почне од средината на ноември, иако може да се случи да почне дури и подоцна, лекарите уверуваат дека сепак нема да биде доцна.

– Пикот на грипот (период со најголем број заразени) се очекува некаде во февруари в година, така да нема да биде доцна ако вакцините почнат да се примаат и во средината на ноември. Ќе има време организмот да создаде имунитет од ова заразно заболување. Еве и во Хрватска почнуваат од 15. ноември со вакцинација – појаснуваат лекари од центарот.

Интересно е што во Скопје веќе се пријавени првите случаи на грип.

Дел од граѓаните се интересирале да се вакцинираат во дел од приватните ординации кои секоја година вршат вакцинација, но ниту таму нема вакцини.

– И ние чекаме кога од Министерството за здравство ќе одобрат почеток на вакцинација. Претходно, санутарниот и здравствен инспекторат врши задолжителна контрола на условите во нашата и другите приватни ординации – дали има посебен влез за здрави лица кои доаѓаат за вакцина и посебен влез за болни, дали вакцините соодветно се чуваат и друго. Без сигнал од надлежните, ниту кај нас во ПЗУ не може да почне заштитата од грип, за која граѓаните почнаа да се интересираат кога ќе стартуваме – велат во приватна здравствена организација во Скопје.

Во некои соседни земји, како во Србија, граѓаните веќе ги примиле првите вакцини против грип.

Набавката на вакцини кај нас е стасана до рокот за жалби на учесниците кои биле одбиени на тендерот. Според најавите на министерот за здравство, Венко Филипче, за 10 до 15 дена се очекува вакцините да стасаат во земјата и имунизацијата да почне. Во однос дека малку се доцни со заштитата, надлежните се правдаат со СЗО – препораките од оваа организација за нас и останатите земји во регионот биде подоцна да почне вакцинацијата, поради временските услови.

Освен околу 28 000 бесплатни вакцини против грип од Министерството за здравство за одредени категории граѓани, и годинава ќе има плус вакцини што ги набавуваат центрите за јавно здравје, а чија цена обично изнесува околу 400 денари.

Од Министерството за здравство не појаснија зошто годинава доцни набавката на вакцини и дали ќе се олеснат процедурите за јавни набавки во здравството, кои се хроничен проблем веќе неколку години, за во иднина да не се случуваат вакви доцнења.

Вакцините против грип редовно се набавуваат секоја година, а каква вакцина ќе се користи се знае уште на крајот од сезоната на грип, најчесто во март, најдоцна април.