За бесплатните 29.000 вакцини веќе се резервирани сите термини – во Велес тие „пламнаа“ за половина час, а во Скопје за само ден и пол беа зафатени сите предвидени датуми, заклучно до 7 декември. Хронично болните лица се интересираат ќе има ли уште од овие вакцини, бидејќи иако токму тие се во ризичната група која треба да се заштити од грипот, многумина останале со куси ракави. Матичните лекари апелираат в година да бидат заобиколени барем од оваа превентивна дејност, бидејќи телефоните деновиве им се вжештиле, па во ординациите морале да чекаат за преглед и итни случаи.
Во скопскиот Центар за јавно здравје, каде веќе неколку дена граѓаните се вакцинираат, велат:
– Веќе дадовме 1.600 од вакцините што се наплатуваат, а слична е бројката и за бесплатните. Граѓаните постојано се јавуваат и се интересираат ќе има ли уште од бесплатните вакцини – велат од центарот, чии екипи имунизираат до 18 часот секој работен ден.
Од Здружението на приватни лекари велат дека се под голем притисок, па во прашање била доведена услугата кон другите пациенти.
– Термини нема, кој сака нека провери на „Мој термин“. Веќе шести ден пациентите доаѓаат или постојано се јавуваат за вакцини. Надлежните лошо ја изменаџираа оваа активност – закажувањето не требаше да оди преку нас. Истите 100 пациенти и по 3 пати на ден ни се јавуваат – има ли термин, кога ќе ми закажете… и не можевме нормално да работиме одговарајќи на телефоните. Правевме списоци, па ние им се јавувавме, па печатевме упати, но губиме драгоцено време на нешто што не треба да оди преку нас – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.
Таа нагласува:
– Додека ние одговараме на повици за вакцини, другите пациенти, меѓу кои имаше и болни со мозочни крвавења и други итни случаи, требаше да чекаа. Бараме оваа превентивна активност в година целосно да ја преземат центрите за јавно здравје. Ние, матичните лекари, не сме секретарки, особено што оваа вакцинација е еднаш во годината, па организацијата треба да ја врши јавното здравство, односно центрите.
Од Министерството за здравство во саботата соопштија:
„Во моментов има доволно колични на вакцини за сите оние кои сакаат бесплатно да се вакцинираат. Дополнително, треба да пристигнат и 14.400 дози од вакцините“.
Оттаму денеска информираа дека ќе бидат пуштени нови термини за бесплатните вакцини, но не посочија кога.
Во минатата недела надлежните најавија дека ќе има и американска донација од вакцини против грип, а дознаваме дека тие ќе бидат наменети и за доктори и други здравствени работници.
Од Здравство апелираат граѓаните да се вакцинираат со вакцини против сезонски грип, за да го заштитат како своето здравје, така и колективното.