Во Куманово опфатот со вакцината против голема кашлица, пертусис е 75 проценти, информираа денеска од Здравствен дом Куманово, детски диспанзер. Надлежните велат дека оваа болест што ја има во соседството е загрижувачка и ги повикаа родителите навремено согласно календарот да ги вакцинираат децата.

– Куманово е еден од градовите каде се намалува процентот на имунизирани деца. Опфатот со вакцина против пертусис кај нас се движи до 75 проценти. Попроблематичен е опфатот е со вакцината МРП кој изнесува 40 проценти. Антивакциналната кампања, придонесе да се вратат исчезнати болести, како пертусис кои можат да предизвикаат сериозни последици, па дури да бидат и фатални, изјави денеска д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од диспанзер Куманово.

Вакцината се прима заедно со дифтерија, тетанус и пертусис на двомесечна возраст, потоа следи ревакцинација.

Болеста, како што објаснува докторката, меѓу луѓето е позната како „црна кашлица“ или „магарешка кашлица“ и е акутно бактериско заболување, мошне заразно ја предизвикува бактеријата. Инкубацијата трае од 7 до 14 дена. Првин се појавува течење нос, зарипнато грло, покачена температура, после болеста напредува и е препознатлива со карактеристично ноќно кашлање предизвикано од инфекцијата која ги напаѓа белите дробови.

-Почнува да се лачи слузта поинтензивно не постои можност за искашлување, кашлицата е иритативна, досадна кашлица може да предизвика компликации бронхопневмонија, воспаление на средно уво, енцефалитис. Може да се јави и крв, зашто е многу напорна кашлица. Може да доведе до фатален исход, вели Богоевска-Димитриевска.

Болеста освен кај бебињата може да предизвика и сериозни компликации кај возрасните со коморбидитети. Но, особено страдаат најмалите, оние кои не се вакцинирани. Вакцинираните пак, можат да се заразат ама поминуваат со послаби симптоми.

Од Центарот за јавно здравје ги повикаа родителите да постават прашање исклучиво на стручни лица на лекари, не да се едуцираат за вакцини од сомнителни портали.

-Многу е важно да се запишат вакцинирани деца во градинка, зашто слободно може да ги пуштаат да другаруваат, да играат без премисла дека ќе се разболат. За сите прашања сме отворени, важно е да има и едукативни содржини на медиумите, вели д-р Богоевска Димитриевска.

Загрижувачки е што паѓа опфатот на вакцинирани и кај училишните деца кога треба да се прима ревакцина.