Како резултат на растот на заразени од Ковид-19 во изминатиов период, општата болница во Кочани започна да прима пациенти и од штипското инфективно одделение. Капацитетите на болницата се исполнуваат, односно се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти од коронавирусот. Во текот на последново деноноќие во Кочани се заболени 20 нови случаи, а активни се 195 лица.

Директорот на општата болница во Кочани, Александар Серафимов, посочи дека во моментов имаат осум позититвни пациенти и седум за кои чекаат резултати. Болницата во моментов работи без инфектолог бидејќи претходниот се пензионирал во месец јуни. Болните се сместени во рамки на одделението за интерни болести, при што просторот е физички изолиран од останатите простории, а обезбеден е и посебен влез, вели Серафимов.

Доколку продолжи да расте бројот на заразени од Ковид-19 на кои ќе им биде потребен болнички третман, планираат одделението за физикална терапија да го адаптираат во инфективно одделение за прием на ваквите пациенти.