Раководителката на руската Федерална агенција за биолошка медицина (ФМБА), Вероника Скворцова, соопшти дека лекот треба да биде достапен пред крајот на следната зима. ФМБА има два тима – во Москва и Санкт Петербург – кои истовремено работат на проектот.
„Развојот на вакцината ја помина првата фаза“, рече Скворцова за новинската агенција ТАСС и додаде дека сите фази на тестирање и развој ќе завршат во јуни, а подготовката на лекот би била комплетирана околу средината на есента.
Ова е „рекомбинантна вакцина, (која доаѓа) не од жив вирус, туку од протеини што имаат т.н. ‘епитопи’ или места за врзување вируси“, изјави таа. Епитопот е дел од макромолекулата на антигенот што имунолошкиот систем ја препознава.
Мисијата на ФМБА е да го заштити здравството и безбедноста во Русија, со посебна одговорност за контрола и превенција на болести.
До попладнево во Русија има регистрирани 438 случаи на коронавирус, од кои 262 се во Москва. Има една смрт, непосредно поврзана со инфекцијата, додека 17 лица веќе закрепнале и се отпуштени од болница.