Пет новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА во Битола од почетокот на годинава до денес. Ова денес го соопштија од Центарот за јавно здравје во Битола кои што се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА 1-ви декември. Колку за споредба мината година на ниво на општина Битола немаше ниту едно регистрирано лице со ХИВ/СИДА.

-Во текот на 2019 година до денес се регистрирани 5 нови случаи на ХИВ/СИДА на возраст од 20 до 39 години, а додека вкупниот број на лица кои се регистрирани и се водат како заболени на подрачјето на Центарот за јавно здравје во кои што спаѓаат Битола, Ресен, Кичево и Демир Хисар се 25 лица, од кои 15 во Битола, 1 лице во Демир Хисар, 7 Кичево и 2 лица во Ресен, изјави др.Лилјана Милевска специјалист по социјална медицина во Центарот за јавно здравје во Битола.

Причината за ваквата состојба е неинформираност, несогледување на ХИВ Статусот, недоволно здравствена едукација за заштита, посочи др. Лилјана Милевска.

Постојат ефективни антиретровирусни лекови кои го контролираат вирусот и можат да помогнат да се спречи пренесувањето, така што луѓето со ХИВ и оние со значителен ризик можат да имаат здрав, долг и продуктивен живот. Затоа е важно навремено тестирање за ХИВ и секој да го знае својот ХИВ статус.

ХИВ продолжува да е глобален јавен проблем, велат познавачите. Во Македонија во 2019 година има 57 нови случаи со ХИВ/СИДА, од кои 55 се од машки пол. Од нив 77% се на возраст од 20 до 39 години. Се проценува дека во 2018 година 37.9 милиони лица живеат со ХИВ, 1.7 милиони се новоинфицирани, а 770 000 лица починале поради ХИВ/СИДА.