Утре ќе биде погребана Сара Пројковска, пејачката која како придружен вокал настапуваше со ДНК кобната ноќ во Кочани.

Објавата на нејзиното семејство ја пренесуваме во продолжение:в 

Со длабока тага, Ве информираме дека во трагичната несреќа во Кочани ја загубивме и нашата сакана Сара Пројковска.

Сара е родена на 30 декември 1977 година во Скопје. Нижото и средното музичко образование го заврши во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на одделот за пијано.

Својата академска и професионална кариера ја продолжи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што магистрираше, а потоа и работеше како Вонреден Професор на Катедрата за клавишни инструменти и харфа.

Сара беше посветена мајка на Јана и Марко, неуморно борејќи се до последниот миг за нивната подобра иднина.

Музиката беше нејзиниот живот. Нејзината најголема пасија беше пеењето, а како вокал соработуваше со многу од најпознатите имиња на македонската музичка сцена.

Благодарни сме и чест ни е што бевме дел од нејзиниот живот, затоа што таа нѐ облагородуваше, нѐ исполнуваше со радост, љубов и внимание. Таква ќе ја паметиме засекогаш.

Телото на Сара за последен поздрав ќе биде изложено во Црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, во четврток на 20.03.2025 година, од 12:00 до 14:00 часот. Погребот ќе се изврши на гробиштата во Горно Лисиче.