Градската општа болница „8 Септември“ до 1 јули ќе функционира со намален капацитет и листа на чекање за операции, кога се очекува да зајакне лекарскиот тим со анестезиолози. Болницата веќе неколку месеци опстојува само со 4-5 операциони сали од вкупно 10, а причината за ова е што нема доволен број на анестезиолози. Костов вели дека пред четири месеци одеднаш се пензионирале тројца анестезиолози и од 12 останале само девет.
Тоа е причината што се прават листи за чекање за операции, за кои тој вели дека не се чека повеќе од еден месец, а се хронични пациенти кои не спаѓаат во итни случаи. Директорот Костов смета дека состојбата ќе се подобри од 1 јули кога се очекува за заврши специјализацијата по анестезиологија на една лекарка, а на вториот анестезиолог специјализацијата му завршува во септември. Тој се надева дека тогаш ќе се отворат повеќе операциони сали и ќе се намалат листите на чекање.
„Точно е дека функционираме со намален капацитет заради недостиг на анестезиолози, а имаме зголемен обем на работа бидејќи и пациенти од внатрешноста се оперираат тука. Заради тоа се и тие листи на чекање. Баравме анестезиолози од Клинички центар да доаѓаат кај нас дополнително, но еве се надеваме дека за некој месец кога ќе дојдат двајцата анестезиолози, ситуацијата ќе се стабилизира“, изјави Костов.
Токму листите за чекање за операции се причина за реакција на пациенти кои сметаат дека чекањето се должи на недостиг на протези, колкови, колена и слично.
„Имаме протези засега. Отворањето на тендерот е на 25 мај така што и оваа постапка ќе се реализира.“, рече Костов.
Инаку, во болницата недостасуваат и медицински сестри за да може нормално да функционираат. Ваквата ситуација беше причина во јануари да се затворат две од операционите сали на новоотворениот оддел за Трауматологија.