Претераното вежбање, осаменоста и уште многу „обични“ работи го нарушуваат имунитетот, а не сме свесни за тоа.
Човечкиот имунолошки систем е составен од различни сегменти и е одговорен за борба против бактериите и вирусите на кои сте изложени секој ден. Постојат седум работи што може негативно да влијаат на вашиот имунолошки систем.
Иако е можно вашиот имунолошки систем да се оптимизира со вклучување на добри навики, како што се добрата исхрана и доволното спиење, има голем број неочекувани фактори кои можат да го загрозат, без оглед на тоа колку се трудите да останете здрави.
1. Премногу вежбање
Зарем вежбите не се наменети за зајакнување на имунолошкиот систем? Секако, но напорното вежбање може да си го земе „својот данок“. Кога ја тестирате вашата издржливост преку трчање маратон, го оштетувате вашето тело бидејќи тоа постојано мора да заздравува од долгите часови на тркачките патеки и во салата за вежбање за време на подготовките. Студиите кои се занимаваат со оваа проблематика, исто така откриваат дека „екстремните“ тркачи се посклони кон респираторни заболувања и секундарни инфекции од вирусот на грипот.
Сепак, не мора да бидете врвен спортист за да го компромитирате вашиот имунолошки систем. Дури и честите посети во салата за вежбање можат да ја зголемат можноста да се заразите со разни бактерии преку користење на заедничките справи, како статичните велосипеди или теговите. Секогаш бришете ја опремата со која вежбате пред да започнете да ја користите и без оглед на тоа колку уживате во вежбањето, слушајте го своето тело и оставете си доволно време да се вратите во нормала помеѓу напорните сесии.
2. Осаменост и изолација
Кога постојано сте на релација помеѓу канцеларијата и вашиот дом и едвај наоѓате време за вашите пријатели, тоа има и свои предности, затоа што избегнувате бактерии. Сепак, осаменоста и недостатокот на социјален живот всушност може да го уништат вашиот имунолошки систем бидејќи самувањето може да ја зголеми концентрацијата на кортизол, хормон на стресот во вашето тело, што пак може негативно да влијае на организмот.
3. Ултравиолетово зрачење
И додека сончевата светлина и свежиот воздух може да направат чуда во организмот, преголемата изложеност на УВ зраците може да влијае на вашиот имунолошки систем. Постојат различни УВ зраци – сите знаеме за природните УВА и УВБ зраци што ги добиваме од сончевата светлина, но има и вештачки зраци кои доаѓаат од екраните на компјутерите и мобилните телефони. Според Светската здравствена организација (СЗО), постојат докази дека изложеноста на УВ зраци може да ја промени активноста и дистрибуцијата на некои клетки во имунолошкиот систем. Значи, заштитете се со нанесување на добар заштитен крем, носење капа и очила за сонце. Исто така, ограничете ја вашата изложеност на УВ зрачење и променете ги поставките на екранот за да се елиминира штетното влијание.
4. Песимистички поглед кон животот
Интензивираното движење, здравата исхрана и вежбањето, за жал, може да бидат од мала корист кога животот го сфаќате премногу сериозно и кога постојано сте под стрес, покажуваат истражувањата. За да се спротивставите на многуте предизвикувачи на стрес во секојдневниот живот, важно е да најдете среќа во едноставните работи, затоа што здравиот поглед кон животот ќе ве задржи во форма.
5. Пасивно пушење
Ако не пушите или неодамна се откажавте од пушењето, тоа е добро. Сепак, дружењето со пријателите и членовите на семејството околу вас кои пушат може да му наштети на вашиот имунолошки систем. Истражувањата покажале дека изложеноста на чад убива околу 600.000 луѓе секоја година и го зголемува ризикот од акутни респираторни инфекции и хронично опструктивно белодробно заболување (ХОББ). Имунолошкиот систем е исто така под влијание на чадот од тутун, но како тоа делува врз него останува мистерија.
6. Редовна употреба на антибиотици
Редовното трчање на лекар и инсистирањето на антибиотици и за најмала инфекција може да го загрози дури и најздравиот имунолошки систем. Неодамнешните истражувања спроведени од истражувачи од Универзитетот Харвард, МИТ и Институтот Вис откриле дека антибиотиците всушност може да дејствуваат против организмот и да го ослабат начинот на кој имунолошкиот систем го чува организмот.
7. Контаминирани површини
Можеби редовно ги чистите вашето работно биро и телефонот, но има и многу други работи што секојдневно ги допирате, а кои може да бидат полни со бактерии. Кошницата за пазарување, скалилата, па дури и пенкалото на некој друг може да биде извор на многу бактерии. Па, што може да направите? Иако е тешко соодветно да се борите против ова, имајте кај себе антибактериски средства за чистење на рацете и влажни марамчиња и секогаш чувајте го пенкалото во чантата.