Светските здравствени власти ги предупредија земјите во светот дека не ја сфаќаат кризата со новиот коронавирус доволно сериозно, додека истиот се шири низ Европа и во САД каде медицинските работници предупредија исто така за недоволната болничка подготвеност.
Случаи на коронавирус беа потврдени во Италија, Франција, Грција и Иран, а крузер беше задржан во Калифорнија за тестирање на патниците кои покажуваат симптоми на болеста, со цел да не се повтори случката со Јапонскиот крузер.
Епидемијата на коронавирусот многу влијае на интернационалните бизниси, туризмот, спортските настани како и на следењето на редовната настава во училиштата при што скоро 300 милиони студенти во светот се испратени дома.
Во Кина каде инфекцијата се појави се уште има најголем број на потврдени случаи и починати, но понатамошното ширење се намалува, а сега Јужна Кореја, Иран и Италија се новите жаришта.
СЗО во четвртокот објави долга листа на земји кои не покажуваат доволна политичка посветеност која е потребна кон нивото на закана со која сите се соочуваме. Ова не е вежба, посочи Тедрос Аданом Гебреизус, шефот на СЗО. Тој потенцираше дека епидемијата на коронавирусот е закана за секоја земја, богата или сиромашна. Тој ги повика шефовите на владите во секоја земја да покажат одговорност и координација на сите сектори наместо тоа да им го препуштаат на министрите за здравство.
Во САД, најголемата унија на медицински сестри, објавила загрижувачки резултати. Тие посочиле дека голем процент од болниците во САД не се подготвени безбедно да се справат со Ковид-19. Медицинските сестри работат без потребните заштитни материјали, не се доволно едуцирани ниту имаат доволно искуство како да се справат со заразата, посочи директорот на Националните сојуз на медицински сестри, Бони Кастиљо.