Шест интервентни катетеризациски процедури на срце кај деца на возраст помеѓу шест месеци и шест години изведе за два дена Одделот за детска кардиохирургија при „Аџибадем Систина“. Интервенциите се изведуваат во соработка со врвните доктори од „Аџибадем“ од Истанбул. Сите шест деца се чувствуваат добро и уште следниот ден по интервенциите се пуштени на домашно лекување.
Најмалиот пациент инаку е бебе од шест и пол месеци со конгенитална пулмонална стеноза, а најстарото е шестгодишно девојче кај кое се интервенирало на вроденото стеснување на аортата.
„Овие процедури се исклучително значајни како дијагностичка метода за пациентите кои се подготвуваат за хируршка интервенција на срцето, како и терапевтска метода за трајно решавање на заболувањето“, вели д-р Владимир Чадиковски, кардиохирург.

Катетеризациите беа спроведени под водство на проф. д-р Ендер Одемиш и педијатар-кардиолог од „Аџибадем“ од Истанбул.

„Многу е важно што децата се добри. Во оваа исклучително комплексна гранка на медицината е многу важен мултидисциплинарниот пристап во лекувањето, со цел да се дојде до успех“, вели д-р Ведран Стојановиќ.

Детскиот кардиохируршки оддел на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ функционира од втората половина на минатата година, а во болницата се изведуваат интервенции на деца покриени од ФЗОМ. Тимот го предводи д-р Владимир Чадиковски, а во интервенциите се вклучуваат како поддршка и докторите од „Аџибадем“ од Истанбул.

Последните шест интервенции се изведени на 17 и 18 јануари годинава.