Правилната исхрана во теорија звучи едноставно, но не е секогаш лесно да се истрае во намерата да се храниме здраво. Но, резултатите од неодамна спроведеното истражување покаѓале дека е за здравјето важно не само што јадете, туку и колку брзо храната „исчезнува“ од вашата чинија.
Јапонските научници следеле 1.083 возрасни лица во текот на пет години, а испитаниците биле поделени во три категории, врз основа на тоа колку брзо јадат: „бавно“, „нормално“ и „брзо“. На почеток од истражувањето, сите учесници пополниле прашалници на тема навики во исхраната, степен на физичка активност и општа здравствена состојба.
На почетокот од студијата, никој од доброволците не страдал од метаболички синдром, што значи дека никој од нив немал најмалку три од следните фактори – вишок килограми во пределот на стомакот, ниско ниво на ХДЛ холестерол, покачени триглицериди, покачен притисок или шеќер во крвта. Лоши вредности на најмалку три од овие наведени критериуми укажуваат на покачен ризик од кардиоваскуларни болести и дијабетес, и со еден име оваа состојба се нарекува метаболички синдром.
Пет години подоцна, кога повторно го пополнувале истиот прашалник, излегло дека кај 84 испитаници се развил метаболички синдром, а судејќи по резултатите на студијата објавени во стручното списание Circulation, повеќето биле од групата која изјавила дека „јаде брзо“. Оние кои се хранат „од нога“ имаат за 89 отсто поголем ризик од развој на метабилички синдром од оние кои јадат побавно.
Но тоа не е сѐшто заклучиле научниците. Испитаниците од групата која брзо јадела во текот на пет години добиле и повеќе килограми, им се зголемил обемот на половината и нивото на шеќер во крвта било повисоко отколку кај испитаниците кои навеле дека јаделе побавно.
Лекарите велат дека е тоа поврзано со фактот дека на мозокот му е потребно извесно време за да го обработи фактот дека сте сити, а сѐ додека тоа не се случи, вие продолжувате да јадете.
„Кога луѓето јадат брзо, тие продолжуваат да јадат и откако ќе престанат да чувствуваат глад“, вели д-р Такајуки Јамаи од универзитетот во Хирошима, кој го водел ова истражување.
„Исто така, кај лицата кои брзо јадат скоковите на нивоата на шеќер во крвта се позначајни, а тоа може да доведе до инсулинска резистенција“.
Оваа студија ги потврдува претходните истражувања кои веќе укажале дека е за здравјето многу подобро ако јадете побавно. Истражувањето спроведено на Нов Зеланд покажало дека оние кои јадат од нога имаат поголем индекс на телесна маса од оние кои јадат полека и на мир. Една кинеска студија покажала и дека лицата со нормална телесна тежина и оние со вишок килограми јадат помалку доколку добијат упатства секој залак да го изџвакаат 40 пати, наместо 15, пред да го голтнат.