Со коронавирусот се појави епидемија на страв и анксиозност: Психијатарот Хаџи-Ангелковски со важни совети до граѓаните на оваа тема

Психијатарот Ѓорѓи Хаџи-Ангелковски во интервју за КУРИР говори за големите проблеми со кои македонските граѓани се соочуваат во овој период кога владее епидемија на коронавирус. Со докторот разговаравме за тоа…

Психијатарот Ѓорѓи Хаџи-Ангелковски во интервју за КУРИР говори за големите проблеми со кои македонските граѓани се соочуваат во овој период кога владее епидемија на коронавирус.

Со докторот разговаравме за тоа како граѓаните да се соочат со психичките проблеми, стравот и анксиозноста поради коронавирусот, за тоа кога да побараат стручна помош и за терапиите.

Неговите совети со сигурност ќе им помогнат на многумина кои коронавирусот го доживуваат како лична битка со своите стравови.

КУРИР: За време на епидемијата од коронавирус, кај голем број на македонски граѓани се јави страв, паника и анксиозност. На што се должи оваа појава и како граѓаните да се соочат со овие психички проблеми?

Хаџи-Ангелковски: Со епидемијата на коронавирусот се јави и епидемија на стравот, една масовна психогена реакција на анксиозност, страв и неизвесност, хистерични реакции, хипохондриски испади кои го заматуваат рационалното мислење и водат кон неадекватно однесување со цел за самопомош и самолекување, како и масовно подлегнување на дезинформации, кои кумулативно се шират и предизвикуваат додатен немир и неспокој.

КУРИР: Овие чувства различно се манифестираат кај поединци. Како може еден човек, според своите симптоми, да процени дека има анксиозност и кога е вистинско време да се побара помош од  психијатар?

Хаџи-Ангелковски: Анксиозноста е непријатно чувство на тегобност, страв без објект на опасност, внатрешен немир, претерана загриженост (во случајов страв од вирусно заболување) кое потполно ја  окупира личноста  и таа не може нормално да функционира и да ги врши секојдневните социјални улоги. Се јавува нарушување на сонот, како и потсвесна имитација на заболувањето (болки во грло и недостаток на воздух) кои се типични психолошки знаци, а вирусното заболување. Како екстрем е појава на панични атаки, како еден пароксизмален страв со чувство на скора смрт, бројни симптоми на автономниот нервен систем, како што се срцебиење, гушење, обилно потење, вртоглавица и потреба од бегство. Луѓето кај нас се срамат од телесни болести и попрво не би ја признале болеста која животно ги загрозува, отколку да побараат помош. Со психолошките нарушувања  е уште потешко, одењето кај психијатар е особено стрес, срам, белег, што предизвикува предрасуди и потсмев од околината. Всушност, ќе го посетат секој надрилекар или јасновидец само да најдат изговор да не побараат стручна помош.  Психијатарот мора да обезбеди крајно дискретна атмосфера, во која личноста ќе може на еден доверлив и неосудувачки амбиент да ја добие потребната помош.

КУРИР: Постојат лица кои на своја рака земаат таблети за смирување со цел да си помогнат во овие моменти. Ве молам, за ваш совет во однос на терапиите. Колку треба да се биде внимателен и како да се постапува?

-За жал, кај нас поради овие предрасуди луѓето попрво ќе посегнат на несоодветни начини да си помогнат, како што е пред се алкохолот во нашата средина, па потоа сретствата за смирување како што е диазепам, хелекс, лексилиум (како седативни лекарства), а некои дури ќе посегнат по лекарства со антидепресивно и антипсихотично дејство, кои единствено смее да ги препише специјалист психијатар. Ваквото некритично и самоволно користење може да има тешки последици по здравјето и психата на корисникот, кое води кон претерана седација и редукција на рефлексите што е особено опасно во сообраќајот, до тешки последици по кардио-васкуларниот систем до кома и смрт. Затоа посетата на психијатарот е иманентна при психолошки проблеми кои не можеме да ги надминеме со капацитетот на нашата личност, специјалист кој ќе ја дијагностицира состојбата, ќе ве упати, ќе го препознае стресогените настани кои треба да се отстранат, ќе ве советува и ќе се обиде на еден хуман и емпатичен начин да влијае на состојбата. Лекарствата доаѓаат во предвид дури после овие процедури и се само дел од репертораот на психијатарот, а не главното оружје како што владее погрешно мнение кај народот.


Related Articles