„Сакаме чист воздух“, едногласно извикуваа стотиците граѓани кои во многу поголем број за разлика од првиот пат, излегоа на скопските улици за да го бранат своето право за нормално живеење. Носејќи транспаренти и заштитни маски, граѓани, кои главно млади, ја поминаа веќе утврдената рута од Министерството за животна средина преку Собранието до Владата на вториот марш за чист воздух, наречен марш за живот.
– Ги потсетуваме овие институции дека имаат неизвршени обврски кон своите граѓани. И гласно и јасно ќе ги потсетуваме дека нема така лесно да се откажеме и дека ќе се бориме, зашто сите ние овдека имаме право на чист воздух. Оваа поддршка што ја имаме овдека вечерва, тоа е историја, кажаа дел од говорниците на протестот.
Средношколците и студентите денеска првпат организирано им се приклучија на граѓанските здруженија кои се дел од „Зелен фронт” и „Зелената револуција“ на протестен марш за чист воздух под мотото „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“. Средношколците и студентите им порачаа на повозрасните дека се тука за да се борат за решавање на проблемот со аерозагадувањето што токму повозрасните го создале.
Претставниците на невладините организации најавија дека протестите ќе продолжат се до исполнување на сите барања и ги потсетија надлежните дека на 31-ви декември им истекува првиот рок за исполнување на над 100-те барања за чист воздух. Посочија дека протестите ќе се прошират во сите градови, зашто чистиот воздух им е потребен на сите подеднакво.