Сојуз на дијабетичари: Бараме да не бидеме приморани на секои две години да се навикнуваме на нови глукометри со сомнителен квалитет

Да се разгледаат позитивните примери на соседните држави и да се овозможи пациентите со дијабетес во државава да имаат избор на квалитетни апарати и ленти за мерење шеќер во сите…

Да се разгледаат позитивните примери на соседните држави и да се овозможи пациентите со дијабетес во државава да имаат избор на квалитетни апарати и ленти за мерење шеќер во сите аптеки, за кои Фондот за здравствено осигурување ќе ја покрива референтната цена на ленти/глукомер, а ќе бидат достапни и најевтините кои се вклопуваат во референтната цена, бараат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Во барањето што го упатуваат до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, тие посочуваат дека изминатите неколку години апаратите за мерење шеќер кои се обезбедени од државата без надомест за лицата на инсулинска терапија имаат сериозни недостатоци за кои досега многу пати реагирале во јавноста и писмено до Министерството.

– Особено сакаме да ја истакнеме прецизноста на мерењето шеќер во крвта која е на најниско можно ниво. Со овој проблем се соочуваме над 10 години. И покрај тоа што не убедуваат дека се добри сосема е спротивно, добиваме погрешени резултати на апаратите. Ваквите грешни резултати не наведуваат да дозираме погрешна доза на инсулин, а погрешното дозирање на долг рок резултира со зголемен број на дијабетес пациенти кај кои се појавуваат како акутни, така и хронични компликации, како што се кардиопатии, невропатии, нефропатии, ретинопатија и слепило, односно покрај првичната хронична состојба се развиваат и болести. Во најлош случај, поради погрешното дозирање на инсулин, а поради неточно измерена гликемија, може да настапи и тешка хипогликемична кома со смрт, потенцираат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Нагласуваат дека како пациентски организации се нудат на располагање со сите свои ресурси (и логистички и човечки), во заедничко решавање и надминување на овој долгогодишен проблем на лицата со дијабетес.

– Бараме за да не бидеме повторно приморани на секои две години да се навикнуваме на нови глукометри со сомнителен квалитет од една страна, како и нивен постојан недостиг во инсулинските аптеки, поради што над 30.000 пациенти сме изложени на дополнителни трошоци (купуваме дополнителни глукометри и тест ленти), за да бидеме покриени во периодот кога тие се дефицитарни во здравствениот систем. Во Србија, Хрватска, Словенија им се остава можност на пациентите сами да го одберат глукометарот и лентите кои ќе ги користат при справување со својата состојба (болест), истите можат да ги набават од која било аптека, а здравствениот систем преку Фондот за здравство покрива одреден износ од вредноста на избраниот глукометар/тест ленти (износот се утврдува преку соодветна методологија), истакнуваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Со ваквиот пристап, посочуваат тие, се зголемува сигурноста во поглед на точноста на резултатите, постојано се достапни за пациентите и се минимизира евентуалниот трошок на пациентите за набавка на дополнителни ленти и глукометри потребни поради дефицит на количините обезбедени од државата.

– Глукометрите и лентите за нас како лица со дијабетес се најбитните средства за самоконтрола во справувањето со оваа состојба (болест), од која боледува 13 отсто од населението (над 125.000 лица боледуваат од дијабетес, од кои 45.000 се на инсулинска терапија, а меѓу нив 600 се деца), додаваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари во барањето упатено до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.


Related Articles