Сојузот на здруженија на пациенти со дијабетес во Македонија упати барање до Министерството за здравство за усвојување на национален план за превенција од дијабетес 2020 – 2030 и изработка на национален регистер за лица со дијабетес со цел, како што наведуваат, подобрување на медицинската грижа на пациентите со дијабетес мелитус, имајќи ја предвид новата реалност предизвикана со вирусот Ковид-19.
– Водејќи се од потребата за добра евиденција и увид во моменталната ситуација, потребно е државата да го креира овој национален регистар со точна бројка на лицата со дијабетес, по тип на дијабетес, возраст, пол, место на живеење и сл. Транспарентно достапниот регистер ќе биде сериозен темел за да се изработи националната стратегија за справување со дијабетесот. Изработката на оваа национална стратегија сметаме дека треба да биде доделена на стручната јавност и во креирањето на истата да бидеме вклучени и ние како национален сојуз, наведуваат во барањето од Сојузот на здруженија.
Воедно, бараат и организирање на едукативни кампови за деца и адолесценти со дијабетес при што едукацијата за дијабетес да се стави на врвот на приоритетно дејствување на сите чинители за превенција и справување со дијабетесот, предводени од Националната комисија за дијабетес и Министерството за здравство. Меѓу барањата се и набавка на најсовремени достапни терапии GLP-1 како и друга таблетарна терапија. Потоа набавка на сензори за континуирано мониторирање на гликемиите, глукометри, ленти, ланцети и инсулински игли.
– Очекуваме набавка на количини кои ќе бидат доволни за сите деца со дијабетес тип 1 на возраст до 18 години. За нивната набавка сметаме дека треба да се обезбеди буџет кој ќе биде независен и одвоен од буџетот за набавака на инсулин и друга антидијабетична терапија.
Исто така во однос на набавката на глукометри за мерење на гликемија, ленти, ланцети и игли за пациентите со дијабетес тип 1 и тип 2 согласно највисоките светски стандарди за глукометри и протоколи за контроли на гликемијата, бараат задржување на принципот на предност за квалитет наместо најниска цена. Предлагаат таа да се реализира по принципот на референтна цена, односно истите да се вклучат на позитивната листа или да се издаваат по принципот на издавање на ортопедските помагала.
Тие порачуваат дека е неопходно и рестартирање на центрите за дијабетес, во здравствените установи каде постоеле, во некои од регионите и како регионални центри за дијабетес.
– Особено важно, за здравјето па и животот на лицата со дијабетес, е итно да се вратат сите специјалистички и субспецијалистички прегледи за лицата со дијабетес покрај шестмесечните, да се овозможат интеревенциите на лицата со дијабетес кои имаат комбордитети како шти се неврологија, офтамотолигија – особено за спас на видот, подвлекуваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари и покрај благодарност и изразуваат и надеж дека овие нивни барања и прелози ќе бидат земени предвид од Министерството за здравсство.