Една нова студија покажа дека доматите можат да помогнат во борбата против бактериските инфекции во цревата.
Доматите се меѓу најкористените зеленчуци во светот, полни со антиоксиданси, витамини и други соединенија. Научниците од Универзитетот „Корнел“ во САД во серија експерименти идентификуваа две соединенија од доматите и нивните моќни својства за уништување бактерии, пишува „Саенс алерт“.
Истражувачкиот тим, предводен од микробиологот Јеонгмин Сонг, се фокусираше на салмонелата, род на бактерии кои ги напаѓаат цревата, често предизвикувајќи голема непријатност и дигестивни проблеми.
Конкретно, тимот се фокусираше на еден вид од оваа бактерија – „салмонела ентерика тифи“ (salmonella enterica typhi), која живее само кај луѓето и предизвикува тифусна треска кога влегува во крвотокот од цревата и се шири низ телото.
Како и кај другите патогени кои се пренесуваат преку храната, правилното ракување и складирање на храната заедно со пристапот до антибиотици може да им помогне на луѓето да избегнат контаминација на храната со салмонела.
Сепак, тифусната треска останува главен здравствен проблем во многу делови од светот каде што луѓето немаат пристап до чиста вода, живеат во лоши санитарни услови или немаат достапни вакцини против тифус. Се пренесува од човек на човек преку контаминирана храна и вода, а децата се изложени на најголем ризик.
Во 2016 година, првата светска епидемија на тифус отпорен на лекови го погоди Пакистан, а осум години подоцна, експертите за заразни болести сè уште стравуваат дека може да предизвика регионални или глобални епидемии ако не се контролира.
„Нашата главна цел во оваа студија беше да откриеме дали доматите и сокот од домати можат да убијат ентерични патогени, вклучително и ‘салмонела ентерика тифи’, и ако е така, какви квалитети имаат што ги тераат да го сторат тоа“, објаснува Сонг.
Лабораториски одгледуваните култури на бактеријата, изложена на свеж сок од домати беа убиени во рок од 24 часа, а не од киселоста на сокот.
Истражувачите го скенираа геномот на доматот (соланум ликоперсикум – solanum licopersicum) за гени кои кодираат мали протеини наречени пептиди кои можат да дејствуваат како антимикробни агенси.
Од четирите првични кандидати, тимот идентификуваше два антимикробни пептиди кои го инхибираат (забавија или запреа) растот на салмонелата, па дури и убиваа сој отпорен на ципрофлоксацин, примарниот антибиотик што се користи за лекување на тифусна треска.
Конечно, истражувачите го моделираа обликот на нивните два водечки кандидатски пептиди и ги симулираа нивните интеракции со бактериските клеточни мембрани. Како што предвидуваше моделирањето, двата пептиди ги пукнаа клеточните мембрани на салмонела за само 45 минути.
Во понатамошните експерименти, соединенијата ја убиваа и салмонелата тифимуриум (salmonella typhimurium), вид на нетифусна салмонела која предизвикува нефатално труење со храна.
Имајќи на ум дека ова се само експерименти со клетки, резултатите од студијата не се причина да се пие сок од домати, но студијата ги истакнува пораките од јавното здравје кои ги поттикнуваат луѓето да јадат домати како дел од урамнотежена исхрана која вклучува многу од друго овошје и зеленчук – под услов да се приготвуваат со добри методи за хигиена на храната, кои би можеле да помогнат во спречување на болести и труење со храна.