Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 183.309 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 7.177, а оздравени се 79.905.
Женева – Светската здравствена организација во последните 24 часа ширум светот регистрира вкупно 13.903 нови потврдени случаи на заразени со коронавирус и 862 смртни случаи.
Варшава– Сите членови на полската Влада се тестирани за присуство на вирусот откако присуствувале на состанок со министерот за животна средина, кој се покажал за позитивен на тестирањето. Резултатите од тестирањето се очекуваат попладнево, јави ДПА. Во меѓувреме сите министрите работат од карантин.
Пекинг– во Кина во изминатите 24 часа бројот на заразени се зголеми за 21 лице, а дури 20 од нив се регистрирани кај лица кои допатувале од странство. Регистрирани се и 13 смртни случаи во земјата во последното деноноќие. Во Кина досега се заразени 80.881 лица, а 68.869 досега се излекувани. Кинеското Министерство за надворешни работи препорача да се одбегнува патувањето во странство, особено во високо ризичните земји.
Рим– Најголемиот број регистрирани заразени и смртни случаи надвор од Кина и натаму има во Италија – 27.710 заразени и 2.158 умрени, како и 2.749 излекувани.
Манила– Филипинската берза од денеска престанува да тргува со акции и капитал се до стабилизирање на финансиската состојба на светските пазари. Воедно филипинскиот претседател на островот Лузон воведе едномесечен карантин заради 140-те регистрирани заразени лица со Ковид-19 и 12-те умрени.
Москва– Во Русија вкупниот број на пријавени случаи на зараза изнесува 93, а во Москва е формиран координативен совет за борба против ширењето на коронавирусот, чиј акциски план денеска треба да биде претставен.
Белград– Во Србија од ноќеска има осум нови случаи на заразени со коронавирусот, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 65 лица.
Приштина– Жена која вчера допатувала од Лондон во Приштина е 16-от регистриран позитивен случај на коронавирус на Косово.
Загреб– Во Хрватска во последните 24 часа се регистрирани девет нови случаи на заразени, со што вкупниот број се зголеми на 65.
Берлин/Париз- Германската автомобилска групација „Фолксваген“ го прекина производството заради пандемијата, а истото го стори и францускиот автомобилски гигант „ПСА“.
Виена– Бројот на инфицирани од коронавирус во Австрија секој трети ден двојно се зголемува, а ноќеска е регистриран и четвртиот смртен случај од болеста, една 48-годишна жена.
Љубљана– Кај седум мигранти кои биле фатени кај Илирска Бистрица во близина на границата со Хрватска, утврдено е присуство на коронавирус.
Бројот на заразени од коронавирус во Франција, Германија и САД секојдневно се зголемува, а во трите држави има меѓу 3000 и 7.000 заразени. Швајцарија, Јапонија, Велика Британија, Холандија, Норвешка, Шведска, Белгија и Австрија имаат меѓу 1.000 и 3.000 заразени.