Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска им порача на работодавачите дека имаат обврска да ги заштитат работниците и најави дека ќе поднесе тужби доколку дојде до незаконско намалување на платите со злоупотребување на состојбата со коронавирусот.
Синдикатот ги потсетува, како што наведува во соопштение, оние работодавачи кои сакаат во овие тешки моменти да ги намалат платите на работниците спротивно на Законот за работните односи и спротивно на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, дека согласно Уставот, граѓаните имаат право на обезбедување егзистенција за себе и семејството и социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
– Укажуваме дека согласно член 115 од Законот за работните односи, паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската. Ваквата состојба ќе помине, но укажуваме дека во името на работниците во наредниот период ќе поднесуваме тужби за сите незаконски и спротивно на Колективен договор намалувања на платите со злоупотребување на ситуацијата поради нивната себичност, соопшти ССМ.
Според ССМ, сите незаконски и спротивно на Колективен договор намалувања на платите, ќе ги чинат работодавачите далеку повеќе со камати и судски трошоци по надминување на оваа состојба, а дополнително, потенцираат, повредата на правата од работен однос е кривично дело по член 166 од Кривичниот законик.