Зоран Заев и Венко Филипче донесоа живот за себе и за бизнис партнерите на владата, а опасност и нервози за пациентите на Хематологија и нивните семејства кои се плашат како ќе го дочекаат секој следен ден без соодветна терапија, ова денеска преку прес-конференција го истакна Дафина Стојаноска.
-Додека пациентите на Клиниката за хематологија чекаат лек од кој им зависи животот, директорката на Клиниката, Ирина Пановска-Ставридис не може да одлучи дали ги има или не лековите. Пановска-Ставридис вели дека ниту еден пациент не е оставен без лек, но исто така вели и дека не е страшно ако не земеле лек неколку дена, зашто во понеделник веќе ќе ги имало?! Од оваа ситуација јасно се гледа дека миленичката на Заев и Филипче или си поигрува со животите на пациентите, или само се интересира за тендерите за кои се најде на дневен ред и на Антикорупциската комисија
Замислете, и нејзините колеги се чудат како ниту една надлежна институција, министерство за здравство, Фонд за здравствено осигурување, министерство за внатрешни работи, јавно обвинителство, не ги гледаат корупцијата и конфликтот на интереси.
Сето ова е фактичка состојба. Оваа ситуација трае од првиот нејзин работен ден како директор на Хематологија. Ниту министерот за здравство Филипче, ниту премиерот Заев веќе две години не сакаат да стават крај на личните и семејни врски во здравството. Филипче и Заев како да работат само на продлабочување на релацијата ќерка – носител на јавна функција и татко – сопственик на веледрогеријата „Д-р Пановски“. Оваа веледрогерија е континуирано дел од тендерските постапки и снабдувач на клиниките, меѓу кои и Клиниката за хематологија со која директорува неговата ќерка Пановска-Ставридис. Филипче треба веднаш да стави крај на оваа релација ќерка директор-татко снабдувач. Треба да стави крај на нејзиното директорување. А, поради низата скандали во здравството треба да замине и Филипче од функцијата министер.