Стотина граѓани организирани преку социјалните мрежи денеска два часа протестираа на плоштадот „Гоце Делчев“ против аерозагадувањето во Струмица.

Тие до општинските институции упатија неколку барања за намалување на аерозагаденоста:

– да се врши континуирана и редовна контрола на индустриските капацитети во попладневните и вечерните часови,

– да се направи записник со какви реагенси се работи во овие погони,

– да се овозможи секојдневна контрола на постојаната депонија кај селото Добрашинци, бидејќи истата многу често и со години наназад постојано е во пламен,

– да се изнајде решение како да се стави крај на безмилосната сеча на дрвјата на планината Еленица и на ридовите над Струмица, кои се всушност нашите бели дробови, –  рече Данче Стефановска Апостолова.

Според Васко Гогов, најважно е да се почитуваат и спроведуваат законските норми против загадувањето. Гогов истакна дека со казни и санкции сите можеме да се научиме како треба да се однесуваме и да си ја чуваме средината и чистиот амбиентален воздух и додаде дека револтот е насочен кон институциите кои дозволуваат загадувањето да биде енормно, а протестот, посочи дека нема никаква политичка позадина.

Според мерењата, Струмица подолго време е еден од најзагадените градови во државата.