По претседателските избори Министерството за здравство ќе го распише тендерот за набавка на реагенси, е најновото ветување на ресорниот министер Венко Филипче. Тој уште на крајот на ноември рече дека се при крај со подготовките за тендерот и дека се надева дека ќе биде распишан за најмногу две недели, односно во декември. Од друга страна, Филипче тврди дека во сите јавни здравствени установи има доволно реагенси за непречено да функционираат лабораториите.
„Во сите јавни здравствени установи има доволно реагенси. Сите директори беа задолжени да ги обезбедат со цел непречено да функционираат лабораториите во рамките на институциите. Правиме подготовки, но нè забавуваат изборите и за тоа не можеме сега да спроведеме одредени постапки. Целта е повторно да одиме кон централизација. Значајно ќе се намалат трошоците, ќе го рационализираме системот, непотребните трошоци ќе ги нема, а ќе воведеме електронски систем за контрола на реагенсите кои се трошат. Нашата анализа покажа дека непотребно се трошат огромни количини на реагенси во огромен број на лаборатории“, рече Филипче.
Министерството за здравство го поништи претходниот тендер за набавка на реагенси, а Јавното обвинителството отвори предистражна постапка. Тендерот вредеше 35 милиони евра, а предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови за крв. Постапката Обвинителството ја отвори по допрен глас поради постоење индиции за неправилности. Филипче не се откажува од тендерот, а на прашањето дали ќе чека да се произнесе Обвинителството за предистражната постапка за набавката на реагенси, вели дека тие си ја работат својата работа.
„Тие си ја работат својата работа. Беа во Министерството, ги собраа сите документи што ги бараа, имавме разговори со нив“, рече министерот.