Почетокот на есента значи и почеток на сезоната на тиквата. Тиквата се смета за зеленчук која вегетира во умерени климатски услови, па така кај нас застапени се различни видови. Тиквата важи за еден од најбогатите природни извори на бета каротен, а нуди импресивен хранлив состав од микронутриенти. Содржи и доста протеини и јаглени хидрати.
Тиквата содржи витамини А, Ц, Е, К, од групата Б, како и минерали – железо, магнезиум, калиум, калциум, фосфор. Семките од тиква се едни од најполезните во однос на содржината на цинк – само 30 грама семки покриваат речиси 70 отсто од дневната потреба на телото. А пак, 100 грама тиква содржи третина од дневната потреба за витамин А.
Доброто варење на храната и здравјето на цревната микрофлора придонесуваат за општото здравје на целиот организам. Токму затоа се препорачува консумирање на тиква поради содржината на диететските влакна во неа кои се неопходни за добро варење, но и за здрав кардиоваскуларен систем. Нутриционистите препорачуваат внесување на најмалку 30 видови влакна неделно во исхраната.
Тиквата е одличен избор на здрава храна и за трудниците поради високата содржина на фолна киселина. Јадењето на храна како што се тиквите е одличен избор за добро здравје на срцето. Тоа е така заради одличната концентрацијата, пред сè на растителни влакна, калиум, но и витамин Ц. Вклучувањето на тиквата во исхраната може да им помогне и на луѓето со дијабет во контролирањето на нивните шеќерни нивоа.